Услови и програма за патување - Египет

Egypt flag - square

ПРОГРАМА ЗА ПАКЕТ АРАНЖМАНИ ЕГИПЕТ - ХУРГАДА ЛЕТО 2023

1 ден СКОПЈЕ – ХУРГАДА

Состанок на аеродром СКОПЈЕ два и пол часа пред полетување на авионот. Полетувањето на авионот кон ХУРГАДА во означеното време на полетување на издадената авио карта за наведениот датум, во раните утрински часови. По пристигнувањето во ХУРГАДА, трансфер до избраниот хотел и сместување во соба според определеното време / правило на пријавување (по 14:00 часот на денот на пристигнувањето).

2 ден – до последниот ден

Престој во Хотел во ХУРГАДА. Престој од 6, 9, 10 или 13 дена во избраниот хотел во регионот на ХУРГАДА, на база на избраната услуга во зависност од аранжманот и терминот. Можност за факултативни излети.

Последниот ден ХУРГАДА – СКОПЈЕ

Напуштање на собите најдоцна до 12 часот на последниот ден од аранжманот. Слободно време.


Организиран превоз до аеродромот во ХУРГАДА во вечерните часови. Летот за Скопје во времето наведено во авиокартата (ПОДЕТАЛНИ ИНФОРМАЦИИ ЌЕ ДОБИЕТЕ ОД НАШИТЕ ПРЕТСТАВНИЦИ), (ноќен лет). Пристигнување во Скопје наредниот ден раните утрински часови.

ЦЕНАТА НА ПАКЕТ АРАНЖМАНОТ ВКЛУЧУВА:

  • Авио билет на релација Скопје – Хургада – Скопје

  • Трансфер аеродром – хотел – аеродром

  • Сместување во избраниот хотел и услуга според концептот на истиот аранжман

  • Аеродромски такси во Скопје и Хургада

  • Организација и реализација на аранжманот

ЦЕНАТА НЕ ВКЛУЧУВА:

  • Факултативни излети

  • Виза која чини 25$ по лице.

  • Задолжително патничко здравствено осигурување

НАПОМЕНИ:

  • Цените се изразени во евра, плаќањето е задолжително во денарска против вредност по курс 1 еур = 62 денари

  • За резервација задолжителна уплата на аванс од 30% од вкупниот износ (за резервации со рано букирање е потребна е целосна уплата на аранжманот според времетраењето на понудата

  • Целосна доплата на аранжманот 15 дена пред патувањето

  • За ова патување патникот е должен да поседува валиден биометриски пасош со важност во наредните 6 месеци

  • За овие аранжмани важат општите услови за патување на Fibula Travel

ЕГИПЕТ / ХУРГАДА

Со долга и богата историја, како земја со многу митолошки приказни, Египет е една од најпосакуваните дестинации. Оваа земја е дом на вкупно 7 места за светско наследство на УНЕСКО, од кои повеќето имаат културолошко значење.

Египет е дом и на “Бисерот на Црвеното Море” – Хургада, која од мало рибарско место, прерасна во еден од најпознатите туристички центри благодарение на коралните гребени, тиркизната вода, традиционалната храна и многуте излети. Од пустинско сафари, аква паркови, нуркање, рајски острови, посета на пирамидите, Луксор, крстарења, забави, до релаксирачки одмор покрај море и тропска клима, Хургада е совршено место за сечиј вкус.

Туристички водич

ЕЛ ДАХАР е постариот шармантен дел од градот со прекрасен базар. Поголемиот дел од локалното население живее тука. Сакала е на 6 км, новиот туристички центар Мемша е на 12 км, а аеродромот е на 15 км.

САКАЛА претставува спој на стариот традиционален Египет (работилници, сувенирници, традиционални ресторани) и современи туристички содржини (различни категории на хотели, нова марина, шеталиште, ресторани, клубови и барови покрај море). Сакала се наоѓа на 6 км јужно од Ел Дахар, 5 км од туристичкиот центар Ел Мемша и 7 км од аеродромот.

ЕЛ МЕМША е модерниот дел од градот, позната туристичка област со долго поплочено и уредено шеталиште покрај кое се наоѓаат раскошни хотели, многу продавници, маркети, ресторани, познати барови и клубови, како Hard Rock Café, Little Buddha, Elements. Аеродромот се наоѓа на 2 км.

САЛ ХАШИШ – на 18 км јужно од Хургада, ова место е познато по луксузните и раскошни ресорти покрај брегот на морето и поврзани со шеталиште долго 8 км. Истражете ги атракциите на ова место каде што одморот, луксузот и раскошот ги надминуваат вашите очекувања. Од Мемша е оддалечен околу 18 км, а од Сакала 26 км.

СОМА БЕЈ – Туристичка зона на најјужниот дел од Хургада, која се наоѓа во истоимениот залив, дел од Сафага, на 45 км од Мемша. Сома Беј е познат по луксузните хотелски комплекси и долгата песочна плажа (околу 5 км песочна плажа долж заливот). Коралните гребени во морето се совршени за сите љубители на нуркањето и претставуваат заштитена зона на Црвеното Море. Овој дел е одличен за мирен одмор во луксузни хотели изградени во пустина покрај морскиот брег.

ЕЛ ГУНА, или “Египетската Венеција”, на само 22 км од Хургада, прерасна во едно од најексклузивните и најмодерните одмаралишта покрај брегот на Црвеното Море, каде што најбогатите Египќани имаат раскошни вили и викендици. Многу познати хотелски синџири изградија свои хотели овде, со голем избор на спортски активности, активен ноќен живот и можност за истражување на историските, археолошките и културните богатства на Египет. Во Ел Гуна ќе најдете и одлични ресторани, продавници, базар, кафани, дискотеки и галерии, како и модерна марина.

МАКАДИ БЕЈ – Понов и прекрасно уреден рај за одмор покрај Црвеното море, со корални гребени, квалитетни туристички објекти, богат избор на спортски активности и гастрономски деликатеси во бројните ресторани. Средниот дел Сук Макади е со ресторани, велнес, играчници, аптеки, банки и продавници.

ПОТРЕБНИ ИНФОРМАЦИИ

Туризамот претставува еден од главните извори на приход за египетската економија, па затоа владата презема значајни чекори за безбедноста на туристите. Египетските градови се безбедни, а полиција и војска често патролираат. Ова е посебно изразено на аеродромите и на местата каде што има туристи. Освен редовна полиција, во туристичките места постои и туристичка полиција. Египќаните се познати по својата љубезност и позитивниот однос кон туристите.

Официјална валута во Египет е египетската фунта, но доларот и еврото се прифатени во туристичките зони. Картичките, исто така, се прифатени во хотелите и на други локации, но не секаде. Наша препорака е да носите долари или евра во помали апонени. Ако сакате да смените пари, тоа може да го направите во менувачница (задолжително се приложува пасош), на рецепција во хотелот или на апаратите за менување пари кои се наоѓаат во сите туристички зони.

Најчесто цените во продавниците не се истакнати и продавачите може да пробаат да ви продадат по повисока цена од реалната. Многу често се случува продавачите да ве прашаат од која земја сте (за да ја проценат вашата платежна способност) и според тоа да ја формираат почетната цена. На вас останува да се ценкате и да ја симнете цената.

Во Египет постои едно непишано правило во врска со услугата – ако сте задоволни со пружената услуга, пожелно е да оставите некој симболичен бакшиш.

Користете само вода од шише (водата од чешма не се пие), не само за пиење, туку и за миење заби. Капачето на шишето е обложено со пластика која се кине пред да го отвртите капачето. Ова е важно да се знае, бидејќи може да се случи на улица некој да ви продаде вода без таа заштита. Во тој случај, не прифаќајте, бидејќи постои можност водата да не е добра за пиење.

Понесете пробиотик и лекови против дијареа. Не е необично туристите да имаат реакција на храна или вода, или едноставно, да не им годи климата.

Пред патување во Египет не е потребна никаква дополнителна вакцина.

220 V е вообичаена волтажа во Египет, а штекерите се исти како и кај нас, така што нема потреба од дополнителни адаптери за да ги наполните апаратите.

ВАЖНА НАПОМЕНА:

Египетските власти на 17.06.2022 одлучија да ги укинат сите рестриктивни
мерки против корона вирусот за влез на странски туристи и граѓани.

За влез во Египет потребно е да имате биометриски пасош со мин. 6 месеца валидност од датумот на патување.Визата се добива на пристигнување и се плаќа $25 по лице.

Собите во сите хотели се добиваат по 14 ч. (може и порано ако вашата соба е подготвена), а се напуштаат околу 12 ч. По одјавување, хотелот има право да ги прекине услугите (користење базени, ресторан, бар, плажа и сл.).